Хоџај: Османи и Курти припаѓаат на минатото, во февруари ќе има промена на власта

Потпретседателот на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Енвер Хоџај, поранешен шеф на косовската дипломатија, изрази уверување дека партијата на која припаѓа ќе победи на изборите на 9 февруари, додека за претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, рече дека припаѓаат на минатото.

Потпретседателот на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Енвер Хоџај, поранешен шеф на косовската дипломатија, изрази уверување дека партијата на која припаѓа ќе победи на изборите на 9 февруари, додека за претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, рече дека припаѓаат на минатото, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за телевизијата КТВ, Хоџај, кој е актуелен потпретседател на Собранието на Косово, рече дека коалицијата од 14 февруари 2021 година, предводена од партијата Движење Самоопределување на премиерот Албин Курти, ја уништила надежта во Косово.

– Ако на коалицијата од 14 февруари 2021 година се гледаше како на коалиција на надежта, таа ја уништи надежта на оваа земја. Се наоѓаме во големо политичко мочуриште. Прашањата со кои се соочува земјата се сериозни прашања. За овие два месеци ПДК ќе успее да адресира неколку прашања. (Претседателката на државата, Вјоса) Османи и Курти припаѓаат на минатото. Нивниот мандат е истечен. На 9 февруари има избори, на 10 февруари ќе има голема политичка промена. Големата политичка промена ќе ја води ПДК, рече Хоџај.

Критичкиот говор на Османи за време на годишното обраќање во Собранието во четвртокот, тој го смета за задоцнет и без никаков ефект.

– Ваквата критика доцни, нема ефект откако имаме избори. Ќе имаме нова влада, значи никому не му служи. Според мене, во овој владин мандат државата нема лидер кој треба да ги балансира позициите. Сметавме дека е непотребно да учествуваме на ваква седница. Имавме една партија-држава, додаде Хоџај.

Потпретседателот на ПДК, ја обвини Владата и за лошата состојба на економијата и за масовната миграција што според него се случила во изминатите четири години.

– Секојдневно сме на терен, се среќаваме со граѓани. Нивната главна грижа е економијата. Луѓето никогаш не живееле со повисоки трошоци и помали плати. Втора грижа е образованието, потоа здравството. Негативен тренд е масовната миграција. Поголема миграција од овие четири години немало. Една од главните причини зошто се случува миграцијата е политичката промена која се случи на 14 февруари 2021, тоа беше промена на полошо, ја скрши надежта и довербата. Сега луѓето го гледаат бегството на Запад како решение, изјави Хоџај, додавајќи дека со владеењето на ПДК сите овие проблеми ќе се средат.

Што се однесува до неучеството на опозицијата при гласањето на буџетот за 2025 година во Собранието, Хоџај нагласи дека буџетот што беше изгласан во четвртокот нема вредност бидејќи изборите се блиску.

– Ќе има нова влада и овој буџет ќе се ревидира… Буџетот што се одобрува два-три месеци пред избори нема никаква вредност. Затоа, не сметавме дека е потребно да дебатираме за ова прашање, изјави за КТВ поранешниот министер за надворешни работи, Хоџај.