Уапсена екс претседателка на Врховен суд во Црна Гора

Весна Меденица – поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора била уапсена доцна синоќа на аеродромот во Подгорица, јавуваат тамошните медиуми.

Според засега нецелосните информации, Меденица во текот на денот ќе биде на распит во Обвинителството.

Минатите денови дел од црногорските медиуми објавија текстови во кои нејзиниот син Милош го поврзуваат со шверц на цигари и дрога, повикувајќи се на податоците кои Европол доставени до црногорската полиција и Обвинителство.

Наводно, претседателката на судот знаела за незаконските активности на нејзиниот син додека се уште била претседател на Врховниот суд.

Информациите се дека Милош Меденица во декември минатата година ја напуштил Црна Гора.

Весна Меденица цели 17 години била на чело на Врховниот суд, до декември 2020 година кога поднела оставка на функцијата.