Косовската опозиција бара разрешување и истрага против министерот за земјоделство
Најголемата опозициска партија во Собранието на Косово, Демократската партија на Косово (ПДК) побара разрешување на министерот за земјоделство, Фатон Пеци и истрага против него во врска со доделувањето грант од 100 илјади евра за братот на пратеничката од владејачката партија, Движење самоопределување, Фиторе Пацоли од неговото Министерство.
Најголемата опозициска партија во Собранието на Косово, Демократската партија на Косово (ПДК) побара разрешување на министерот за земјоделство, Фатон Пеци и истрага против него во врска со доделувањето грант од 100 илјади евра за братот на пратеничката од владејачката партија, Движење самоопределување, Фиторе Пацоли од неговото Министерство, јави дописникот на МИА од Приштина.
Членот на Претседателството на ПДК, Арбен Мустафа на денешната прес-конференција рече дека откривањето на скандалот со грантот за братот на Пацоли, е само уште еден доказ како највисоките државни функционери од оваа власт ги користат и злоупотребуваат јавните институции за нивна и за корист на членовите на нивните блиски семејства од парите на косовските даночни обврзници.
„Овој скандал воопшто не е случаен, бидејќи Фиторе Пацоли е претседателка на собраниската Комисија за земјоделство, пред која одговара министерот за земјоделство, Фатон Пеци. Како што сега се докажа, братот на пратеничката Пацоли го основал својот бизнис дури по аплицирањето за проектот и само четири дена пред потпишувањето на договорот, што отвора големи сомнежи за монтирање и оркестрирање на придобивките од овој проект, од мотиви кои треба да ги расветлат институциите на правдата“, рече Мустафа.
Тој додаде дека по откривањето на скандалот од страна на медиумите, министерот Пеци треба да реферира пред собраниската Комисија за земјоделство, но „бидејќи ги задоволил тесните финансиски интереси на семејството на претседателката на оваа Комисија, Пацоли“, таа веќе нема кредибилитет да го повика министерот на распит, поради околностите на судир на интереси.
„Затоа бараме разрешување на Фиторе Пацоли од функцијата претседател на оваа комисија, бидејќи сметаме дека таа ја користела оваа функција со цел да изврши влијание, што доведе до бенефит од грант од околу 100 илјади евра за нејзиниот брат. Од друга страна, за министерот Пеци не се доволни ниту оставка, ниту разрешување. Затоа бараме да се спроведат кривични истраги за да се утврдат околностите дали истото влијаело на тоа брат на пратеничката да има корист од околу 100 илјади евра и дали оваа придобивка е резултат на односот на службена подреденост што овој министер ја има со комисијата која ја предводи Фиторе Пацоли“, изјави Мустафа.