„Банкротот на Русија е само прашање на време, а со оваа војна рускиот претседател Владимир Путин ја уништува сопствената држава и иднината на нејзиниот народ“. Ова го изјави претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен во интервју за германскиот „Билд“.
Рече дека санкциите секоја недела навлегуваат подлабоко во руската економија и извозот во Русија паднал за 70 проценти.
„700 руски авиони ги загубија своите лиценци поради недостиг на резервни делови и ажурирања на софтверот. Стотици големи компании и илјадници експерти и го вртат грбот на таа земја. Според сегашните прогнози, бруто домашниот производ на Русија ќе падне за 11 отсто“ – рече Фон дер Лајен.
Вели и дека ЕУ продолжува да го следи банкарскиот сектор, особено Сбербанк, која сама сочинува 37 проценти од рускиот банкарски сектор.
Истакнувајќи дека земјите од ЕУ и плаќаат на Русија по 450 милиони евра секој ден само за испорака на нафта, таа изјави дека примарна цел е да се намалат приходите на Путин.
„Но, нафтата се тргува на глобално ниво. Она што не треба да се случи е Путин да наплаќа уште повисоки цени на другите пазари … Затоа ние во моментов развиваме паметни механизми за нафтата да може да биде вклучена во следниот чекор на санкциите“ – нагласи претседателка на Европската комисија.