Пендаровски: Направен е обид соработник на режимот на Хитлер да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави

Македонскиот претседател Стево Пендаровски излезе со став за вчерашното отворање на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола. Пендаровски наведува дека иако отворањето културни центри насекаде во демократскиот свет е чекор кон зближување на народите и нивните култури, именувањето на установи од областа на културата според докажан соработник на фашистичкиот режим од Втората светска војна не и служи на таа благородна кауза.

„Не спорејќи ја добрата намера на премиерот Петков, вчера во Битола во составот на бугарската делегација беа и двајца претставници на поранешната власт во Софија кои беа најгласни противници на македонскиот пат кон Европа. Со самото нивно присуство и изјави беа минимизирани пораките за добрососедство и соработка кои беа испратени од бугарскиот премиер“ смета Пендаровски.

Во својот став тој наведува дека „во 2017. година, идејата да се формира комисија составена од историчари беше да се најде компромис за историските настани и личности кои треба да бидат заеднички чествувани и од македонскиот и од бугарскиот народ“.

„За жал, вчера во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави. Сигурен сум дека ниту македонскиот, ниту бугарскиот народ сметаат дека ликот и (не) делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока“ – наведува претседателот Стево Пендаровски.