Градоначалникот на Куманово – Максим Димитриевски во објавата на социјалните мрежи напиша дека вчерашното отворање на клубот на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“ и посетата на бугарската делегација во Битола е провокација кон македонскиот народ.
Тој упати и порака до македонскиот владин врв да ја преиспита работата на министерот Бујар Османи.
„Неодамна на работната средба на градоначалници од Македонија и Бугарија во Сандански по повод новата ИПА програма за прекугранична соработка имав можност да му се обратам на премиерот Петков во врска со нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ и упатив јасна порака: „Братските народи (како што многумина претставници од бугарската политичка елита милува да ги нарекува акедонскиот и бугарскиот народ) не се блокираат туку се поддржуваат и поткрепуваат“, при што Петков се согласи со мојот став и рече дека активно со Ковачевски работат на изнаоѓање решение и дека европската иднина на регионот е приоритет за сите. Вчерашното присуство во Битола на бугарскиот владин врв на отворањето на клубот на Бугарите во Македонија „Ванчо Михајлов“ е само уште една од низата провокации кон македонскиот народ и нашата држава Македонија“ – пишува Димитриевски.
Кумановскиот градоначалник прашува дали премиерот на Бугарија знае кој е Ванчо Михајлов и како се доживува во земјава, за што вели има непобитни историски факти.
„Дали Петков знае кој е Ванчо Михајлов? Накратко кажано тој е еден од најголемите негатори на постоењето на македонскиот народ и државност, фашистички соработник и противник на антифашистичката борба на македонскиот народ и другите сојузнички народи во втората светска војна и промотор на тезата за голема Бугарија во која ја присоединува и територијата на денешна (Вардарска Македонија), оваа се лесно проверливи и меѓународно потврдени историски факти“ – вели Димитриевски.
Димитриевски нагласува дека овде ќе се слави Гоце Делчев, Даме, Карпош, хероите од антифашистичката борба, затоа што, нагласува – Македонија била на вистинската страна.
„Во оваа прилика сакам да упатам порака и до нашиот премиер Ковачевски најпрвин, сериозно да ја преиспита работата на министерот Османи и да ги преземе сите чекори за негово разрешување и веднаш јавно да даде изјава во која ќе ги осуди постапките на бугарскиот државен врв и ќе застане на браникот на Македонските национални интереси што е впрочем негова уставна обврска заедно со Претседателот на државата Стево Пендаровски. Поголема провокација и навреда од оваа немало, молкот е повеќе од срам!“ – пишува Димитриевски.