„Во бугарскиот устав нема малцинства и тој почива на целосно друг принцип, на индивидуалното право, а не на колективното. Ние немаме малцинства во нашата земја, тоа така стои во законот“.
Ова денеска од Охрид го порача потпретседателката на Бугарија – Илијана Јотова.
Во однос на тоа дека Бугарија бара признавање на правата на Бугарите во земјава, додека од друга страна не ги признава правата на Македонците во Бугарија за што има и пресуди од судот во Стразбур, таа рече:
„Ние немаме малцинства во нашата земја, додека кај вас е различно, и како што видовме со последниот попис сте една повеќенационална земја. Повеќе години сум работела во Советот на Европа и ЕУ и ќе ви кажам дека тоа што го цитирате од Стразбур, тоа решение е во врска со почитувањето на човековите права и никогаш во него не пишувало дека Бугарија треба да го признае македонското малцинство. Така што, никогаш никој и по никој основ не барал и нема да бара Бугарија да признае, какво и да е малцинство, бидејќи во Стразбур се почитува бугарскиот Устав“ – изјави Јотова.
Таа нагласи дека Бугарија ќе продолжи да работи за заштита на правата на бугарските граѓани во земјава и дека Бугарија нема да каже „да“ за членство во ЕУ се додека овие прашања не бидат регулирани.
„Кога зборуваме за гаранции, тие не може да бидат усни. Пет години по потпишувањето на Договорот за добрососедство ништо не е направено. Така што, за нас, најсериозните гаранции ќе бидат гаранциите на Бугарите во Уставот на Северна Македонија“ – изјави Јотова.
Прашана дали главниот проблем за тргање на бугарското вето за Северна Македонија во ЕУ е впишувањето на Бугарите во уставот на земјава, Јотова рече „не е само тоа“.
– Ако добро го познавате Договорот за добрососедство меѓу двете земји ќе знаете дека ништо по тие прашања внатре не е направено во последните пет години“ – смета Јотова.