Д-р Олумчев: Владината мерка „имунитет по прележување од 45 дена“ епидемиолошки е неиздржана!
Д-р. Сашко Олумчев, специјалист по епидемиологија - ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес ПЕ Гевгелија
Се покажа дека вакцините против Ковид-19 се ефикасни во спречувањето на COVID -19, особено неговите тешки форми со што се намалува потребата од болничко лекување и се превенира смртниот исход на пациентите со потешка клиничка слика. Вакцините, исто така, ја намалуваат инциденцата на пост-COVID синдромот што може да се развие дури и поблага до умерена форма на болеста COVID-19. И тоа е дефинитивно точно и проверено, барем во мојата пракса од почетокот на пандемијата.
Додека минатата година поголемиот дел од пациентите кои развиваа тешка клиничка слика и беа оптоварени со повеќе коморбидитети беа кандидати за фатален исход, со воведувањето на вакцините состојбата е драстично променета. Многу ретко се случува пациент од повозрасна старосна група, со повеќе коморбидитети да развие тешка клиничка слика или да заврши летално. И тука фактите се непобитни!
Дали вакцините штитат од Ковид 19?
Да, дефинитивно штитат и тоа недвосмислено се докажа и во пракса.
Дали прележаните и вакцинираните можат да се заразат повторно?
Да, можат и тоа често се случува! И веднаш се поставува прашањето, чуму тогаш вакцинација кога можеме повторно да бидеме заразени?
Ниедна вакцина, без разлика дали е против Ковид 19 или било која вакцинопревентабилна болест не може да Ве заштити 100%, не само поради дизајнот на вакцината, но и поради различниот имун одговор или различната имуна меморија кои се различни кај секоја индивидуа. Но дека вакцинираните многу полесно ќе ја надминат болеста наспроти невакцинираните е факт кој се покажа и докажа во клиничката пракса.
Покрај индивидуалната заштита на вакцинираните лица, вакцината го штити и вкупното население бидејќи високиот процент на вакцинирани лица во вкупната популација драстично ја намалува можноста за ширење на вирусот меѓу луѓето, но и можноста за создавање нови варијанти. И тоа е веќе солидна основа за градење на колективен имунитет како увертира во завршетокот на пандемијата.
Многумина погрешно претпоставуваат дека со вакцинацијата не треба да се отпочне ако нивото на антитела е високо по примарната вакцинација против КОВИД-19 или САРС-КоВ-2. Сепак, тоа не е вистина. Не е познато која вредност е доволна за да се спречи развојот на болеста. Затоа, не се препорачува употреба на серолошки тестови за проверка на нивото на антителата против COVID-19 пред вакцинацијата. Нема потреба од загриженост за безбедноста на вакцинацијата доколку титарот на антитела е висок во моментот на вакцинацијата. Нивото на антитела на е предуслов за отпочнување или одложување на процесот на имунизација.
Затоа нема апсолутно никаква потреба од мерење на антитела како предуслов за почеток на процесот на имунизација, освен во многу ретки и специфични случаи на развивање на хиперимуни реакции кај одредени индивидуи.
Покрај тоа, без оглед на ниското ниво на антитела или неприсуството на антитела, имајте на ум дека со вакцината се стимулира стварање на т.н. клеточен имунитет, кој е немерлив со конвенционалните методи на мерење достапни во нашата земја, а е многу важен во одбраната на организмот од вирусот Sars Cov 2 и дефинитивно се стимулира со процесот на имунизација или со прележување на болеста. Неизвесно е дали воопшто може да се дефинира корелација помеѓу серолошкиот исход при мерењето на антителата и нивото на заштита од болеста. Имено, кај некои болести кои можат да се спречат со вакцина, засега не може да се утврди безбедна серолошка корелација за заштита. Некои вакцини предизвикуваат краткотрајно ниво на детектибилни антитела поради што се даваат повеќе дози од вакцината во единица време со цел да се одржи заштитното ниво на заштитни антитела додека не помине периодот на очекуваната инкубација на болеста и периодот на иницијална симптоматологија (вакцина против беснило – 5 дози во период од 21 ден).
Кој имунитет е подобар и поквалитетен – природниот кој се добива со прележување на болеста или вештачкиот стимулиран по пат на вакцинација?
Да, природниот е поквалитетен и веројатно подолготраен, но според мене комбинацијата од двете опции би била најдобра. Прележаните пациенти да си го дооформат природно стекнатиот имунитет со целосна имунизација со што процесот на формирање на квалитетен одбранбен систем на индивидуата би бил во потполност заокружен! Затоа владината мерка „имунитет по прележување од 45 дена“ е ниту имунолошки, ниту епидемиолошки издржана. Во најлош случај прележаните треба да имаат имунитет, ако не подобар и подолготраен од поствакциналниот, барем еднаков на него.
Но, сепак првентивните мерки како што се носењето маска и држењето на социјална и физичка дистанца се основа на спречувањето на ширењето на вирусот. Сликата на лажна сиурност по вакцинирењето доведе до ситуацијата во која сме сега. Не само ние, но и сите европски земји се соочија со проблемот на пораст на бројот на новозаразени помеѓу прележаните и помеѓу вакцинираните. Токму тоа е резултат на недоволната здравствена едукација на населението дека секој прележан може повторно да се зарази и секој вакциниран може повторно да се зарази. Да, но со многу полесни симптоми кои во поголемиот дел од случаите се незабележливи. Поради тоа и поради лажната слика на безбедност поради претходно прележаната болест или комплетна вакцинација никој не сака да носи маска или да држи дистанца. И ни се случува да во еден момент имаме една критична маса на асимптоматски вирусоносители без маски кои непречено го шират вирусот низ неимуна популација која е приемчива за истиот, особено во затворени простори. За кратко време ќе имаме експоненцијален раст на бројот на новозаразени, особено сега кога настапува зимскиот период и се поголем број на луѓе ќе престојуваат во затворени простори.
И затоа претпочитам да сите ние здравствени работници поработиме на подигнување на нивото на здравствената свест кај граѓаните по пат на анимирање и едуцирање на истите за процесите на вакцинација и бенефитите од вакцините, за квалитетот на истите и начинот на кој делуваат врз самиот организам. Кога повеќе авторитети од здравствениот систем би се вклучиле во овој процес, мислам дека многу непознаници и недоречености ќе бидат разјаснети и масовната т.н. збунетост на граѓаните ќе исчезне. Само така ќе се врати довербата на граѓаните во здравствениот систем. Само на тој начин граѓаните ќе разберат дека здравствените работници им го мислат само најдоброто и дека истите се чувари на нивното здравје. Но треба и граѓаните да увидат дека тие се самите одговорни за сопственото здравје, но и за колективното здравје како уставна обврска која ја имаме сите.
Кога ќе го разбереме тоа и кога одговорноста ќе ја перцепираме како обврска кон себе, нашите најблиски и кон сите граѓани, тогаш нема да има потреба од фалсификување на сертификати за докажување на вакциналниот статус.
Носете маска и држете растојание, тоа е докажано најдобриот и најбезбедниот начин за спречување на ширењето на вирусот. Иако сте прележани и вакцинирани! Колку побрзо се осознаеме, толку побрзо ќе се справиме со пандемијата!
А здравствените работници со сопствен пример треба да ги охрабрат граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки и да им ги објаснат придобивките од вакцинацијата. Тоа е докажана мерка со децении наназад и дефинитивно функционира. Промовирајте ја со објаснување, а не со присила и сите ќе бидете пријатно изненадени од резултатот. Граѓаните се збунети како резултат на пренатрупаност со нерелевантни информации. Затоа ние сме тука да им објасниме и да им помогнеме во изборот на тоа што е најдобро за нив. А тоа ќе го направиме само со позитивна кампања базирана на докази и научни факти и поддржана од сите здравствени работници, без исклучок!
Д-р. Сашко Олумчев, специјалист по епидемиологија – ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес ПЕ Гевгелија