Филипче: Мицкоски има обврска пред граѓаните и пратениците да го каже планот за евроинтеграцијата на земјава

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска во изјава за медиумите повторно апелираше до премиерот Христијан Мицкоски и Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на собраниска седница пред пратениците и граѓаните да го кажат планот за европската интеграција на Македонија.

-Процесот на евроинтеграции на државата е блокиран од страна на Владата, се должни пред граѓаните да го кажат планот со кој би ги подобриле позициите во преговарачкиот процес како што ветуваа во изборниот период. Тие кажуваа дека имаат некаков план, некаква поддршка од некои земји, за тоа дека ќе ги подобрат нашите услови во процесот на преговори меѓутоа ние досега од тоа не видовме ништо.  Ниту видовме некој обид да се подобри нашата преговарачка позиција, ниту имаме временска рамка кога тоа ќе се случи и затоа е неопходно што побрзо да се случи таа собраниска седница за владата и премиерот да го кажат планот за нашиот евроинтегративен процес, изјави Филипче на настан во Крива Паланка.

Филипче нагласи дека СДСМ ќе даде поддршка на секоја владина стратегија која, ќе значи подобар живот за граѓаните, но, како што рече, нема да прифатат празни ветувања.

-Нас не ни требаат ниту флоскули, ниту митигашки пароли, ни треба конкретен план во Собранието. Премиерот и ВМРО-ДПМНЕ дојдоа на власт со огромни ветувања дека ќе ја подобрат нашата позиција во тој преговарачки процес, дека ќе обезбедат подобри услови. Имајќи предвид дека тоа не се случува, а тие го блокираа европскиот интегративен процес, а тоа не го кажаа за време на кампањата. Доколку тоа не се случи, ќе стане очигледно дека станува збор за една голема лага. Во таа смисла, ние ќе чекаме да видиме како ќе се одвива тој процес, ќе ја поддржиме секоја стратегија на Владата која што ќе ни обезбеди подобри услови во процесот на преговори. Но, нема да служиме за алиби ниту ќе гледаме како тие ја манипулираат и ја лажат јавноста и граѓаните, рече Филипче.

Визијата на СДСМ е напредок и просперитет, за 100 дена од ВМРО-ДПМНЕ видовме само популистички мерки

Тој истакна и дека визијата на СДСМ е напредок и просперитет на секоја општина и подобар живот за сите граѓани, каде што присуствуваше на официјалното пуштање во употреба на еден од петте мостови на Крива Река што се реконструираат со средства од Владата, во вкупна вредност од 40 милиони денари..

-Парите за целиот проект се обезбедени кон крајот на минатата година, од Владата на СДСМ, со прераспределба на 32,5 милиони евра за развојни проекти во 44 општини ширум државата. Дополнително, Владата на СДСМ преку ТАВ програмата обезбеди реализација на 94 инфраструктурни проекти во општините во вредност од 50 милиони евра. Преку оваа програма, тука во Крива Паланка ќе се реконструираат два моста. Во завршна фаза е реконструкцијата на „Градечки мост“.  Жителите на Крива Паланка добиваат и нов спортски терен за мал фудбал, чијашто изградба е финансирана од Развојната програма на општината, истакна Филипче.

Тој посочи дека сите овие проекти не се само естетска промена на градот, туку проекти за подобри услови за живот, за рекреација, за подобра поврзаност на градот и олеснет сообраќај, бидејќи визијата на СДСМ е напредок и просперитет на секоја општина, и тоа е видливо онаму каде што градоначалниците се од СДСМ.

-Од друга страна, сведоци сме како се однесуваат други градоначалници. Главниот град за жал е затрупан во ѓубре, со дотраен јавен превоз. Во дел од општините градоначалниците укинуваат мерки од интерес на граѓаните, најавените инвестиции не се реализираат, условите во основните училишта се катастрофални, ученици од дел од градовите се оставени без превоз до училиштата. За 100 дена од ВМРО – ДПМНЕ видовме само популистички мерки, лажни ветувања и тотална безидејност. Најавија 100 милиони евра поддршка на општините, но со погрешен метод за исплата, што отвора можност за манипулации и неефикасност во реализацијата на проектите, додаде Филипче.

Настанот беше дел од активностите на Општина Крива Паланка за одбележување на јубилејот 80 години слободна Крива Паланка.

Фото: Општина Крива Паланка