(Видео) Милошески: Тоа што го донесовме Боб Дилан во скопска Керамидница е наш најголем успех

„Недостасува голем стадионски концерт за 50.000 луѓе во Македонија кој за мене е се уште неостварена желба. Во Македонија сме немале име кое може да наполни стадион како Ејми Вајнхаус што го наполни концертот во Белград. Тоа е некој предизвик кој јас си го имам поставено. Не сакам Македонија да остане како држава дека не сме способни да направиме нешто за 40-50.000 луѓе“ вели Бобан Милошески, сопственикот на Авалон продукција во најновото издание на Трилинг.

За Авалон продукција која 30 години функционира, најголем успех е „тоа што го донесовме Боб Дилан во скопска Керамидница за нас е најголем успех, според мене, Боб Дилан е најголем човек на планетава земја додека јас сум тука.

„Ние сме го работеле Лени Кравиц во 2008 година, после тоа ја правевме Ејми Вајнхаус во Белград. Си викаш дека ако во 2008-ма сме го правеле тоа, во 2023 треба само да стиснеш дугме и се завршува само од себе. Човечкиот фактор во Македонија оди на се пониско ниво. Ова ни беше најтешко лето. Нас не ни беше даден стадионот во Охрид да го правиме Охрид колинг, па работевме во касарната, таму го подготвувавме концертот на Лени Кравиц додека на стадионот се одвиваа концертите на Саша Матиќ, Жељко Самарџиќ, Ацо Пејовиќ, Александра Пријовиќ. Имавме само 12 часа да го спремиме концертот на Лени Кравиц, тоа ти е како некој да ти даде 6 дена за во Стајковци да направиш Формула 1“ вели Милошески.

Вели „многу сум разочаран од нивото на спуштање на цивилизациски вредности во Македонија“, а за тоа каде го лоцира шокот на изместени вредности ќе каже „Сега тоа што се случува е слика и прилика на самите држави во регионов. Губиме 10 спрема 1 од земјите во регионот. Добри 40% од публиката на Лени Кравиц беа странци. Далеку најпосетен концерт ова лето беше, но ние ја губиме војната со другиот тип концерти“.

За тоа колку би чинело на наша, македонска сцена да се појават Ед Ширан или Адел, Милошески вели „Адел не може да се појави, концептот е да не доаѓа таа кај тебе, туку ти кај неа. Не свири никаде во Европа, освен Минхен. Во врска со Ед Ширан, Србија е неколкупати поголема од Македонија. Околу 3-4 милиони долари чини концерт како оној на Ед Ширан во Белград. Во Загреб каде се продадоа 70.000 карти, во Белград се продадоа 26.000 карти, околу 2 милиони евра загубија промотерите“.

Во врска со барањата на големите музички ѕвезди, првиот човек на Авалон открива „Тие барања се реални затоа што тие се 6 месеци вон дома, се трудат тука да им е како дома. Само кетерингот за едни Ролинг Стоунс е околу 200.000 долари“.

Милошески за заработката од концертите на Грејс Џонс и Лени Кравиц во Македонија вели „Оваа работа во Македонија би била невозможна без спонзори. Цената на картата за Лени Кравиц во Охрид од 32,5 евра беше на ниво колку што чинеше пивото во Монте Карло на неговиот концерт. Јас се трудам ако направам 15 концерти оваа година, 8 да имаат приход, 5 да имаат минус, може да биде и обратно. Никогаш не можеш да знаеш колку карти ќе продадеш. Нема богати луѓе на Балканот од оваа работа“.