(Видео) Николоски: Се надевам дека со Бугарија ќе најдеме заеднички јазик за да немаме пруга што завршува во тунел кој не води никаде
Приоритет број еден за Македонија е изградба на брза пруга Скопје – Солун со 200 километри на час, што треба да нѐ поврзе со главните пристаништа, а на север со Централна Европа. Ова денеска во своето обраќање од Будимпешта, каде што присуствува на министерскиот состанок на министрите за транспорт на Европската Унија го изјави министерот за транспорт Александар Николоски, коментирајќи ги крупните инфраструктурни проекти што се реализираат во земјава, а се од клучно значење за поврзување со земјите од Западен Балкан.
„Интензивно работиме и на изградба на железничкиот Коридор 8, каде првата секција од пругата кон Бугарија е речиси готова, а втората се работи во моментов. Во однос на третата секција имаме технички предизвици за кои се надевам дека во следниот период ќе ги решиме, како во однос на проектирањето, а секако и други пречки за кои веќе зборував. Се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик со цел да немаме пруга што завршува во тунел кој не води никаде“ – рече тој.
Посочи дека состанокот со министрите е голема можност да се разменат мислења и да се поканат потенцијални донори и инвеститори да дојдат во Македонија, со цел побрзо да се завршат започнатите проекти.
„Прво, посочив дека во однос на авио линиите дека имаме нова политика на субвенционирање што очекувам следната година да донесе нови дестинации кон скопскиот и охридскиот аеродром, но и некаде над 20 отсто повеќе патници и повеќе туристи во Македонија. За македонските граѓани значи повеќе можности да патуваат надвор од државата“, вели Николоски.