Вучиќ: Посмртните останки на Тито нема да се преселат од Куќата на цвеќето – тој е дел од нашата историја

Претседателот на Србија – Александар Вучиќ, за „Политико“ изјави дека гробот на поранешниот претседател на СФРЈ – Јосип Броз Тито нема да биде преместен од Музејот на Југославија и дека Тито „ќе остане дел од српската и југословенската историја“.

– Тоа нема да се случи. Никогаш не сум бил голем љубител на комунистите и на комунистичкиот режим, но Јосип Броз е дел од нашата историја, тој живеел овде и бил погребан тука, и ќе остане дел од српската и југословенската историја – изјави Вучиќ во интервју за веб-страницата.

Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, на последната седница на градското собрание најави дека ќе покрене иницијатива за преместување на гробот на Јосип Броз Тито, како и за поставување споменик на лидерот на Равногорското движење – Дража Михаиловиќ, на Теразијска тераса.

– Јас не можам да влијаам на таа одлука, ниту градот Белград може правно или формално да влијае, но мислам дека отстранувањето на Јосип Броз од Музејот на Југославија е исклучително важна работа за српскиот народ и за иднината на оваа земја. рече Шапиќ.