(Видео) Јаневска: Некои од универзитетите треба да се затворат

Со децении во македонскиот образовен систем една реформа заменува друга, исходот е ист. Учениците континуирано знаат помалку.

Министерката за образование Весна Јаневска во најновото издание на Трилинг анализира зошто секоја година по 10% од македонските студенти заминуваат во странство.

„Претпоставувам дека секоја нова Влада што ќе дојде има амбиции да го запре овој слободен пад на образовниот систем. Разликата од она што досега е правено и она што ние планираме да го направиме е тоа што она што било добро ќе го задржиме, а она за што чинителите во образовниот систем го критикувале ќе го менуваме. Ќе се менуваат наставни планови и програми. Ќе се обидеме да ги прилагодиме нашите деца на модерното современо време, да ги усогласиме со она што го учат нивните врсници. Никогаш не сме биле против дигитализацијата, но според можностите“ вели Јаневска.

Просветните работници побараа зголемување на платите, министерката рече дека сега засега простор за такво нешто нема. Јаневска вели дека Буџетот на МОН е огромен, министерството должи 5 милијарди денари.

„За последните 7 години е направен тој долг, огромни средства се трошат на плати. Тоа е една од најголемите расходни ставки. Моето тримесечно искуство вели дека МОН е најголемата градежна фирма во Македонија, најголемата издавачка куќа, најголемата печатница, најголемата установа која води сметка за учениците и студентите. Кога буџетот ќе може да си дозволи, сметам следната година, ние ќе ги подобриме платите на наставниците, ќе водиме сметка за студентскиот и ученичкиот стандард“ рече министерката.

За квалитетот на образованието таа вели дека „Образованието доживува пад на квалитетот, за ваква држава има премногу универзитети. Ќе треба да се преземат сериозни реформи. На Македонија не и требаат 5 медицински факултети, 20 правни факултети. Ќе следи евалуација на сите, без исклучок. Тоа е девалвиран процес. Таму каде што ќе се најдат нелегални работења ќе треба да има одговорност. Се работи на промена на Законот за високо образование“.

За тоа каков е планот на МОН за егзодусот на младите, ќе каже „Она што го очекуваат младите од МОН е позајакната комуникација, а тоа веќе го имаме. Соработката се продлабочува. Младите бараат модерни студиски програми, тоа веќе го дискутираме со универзитетите“.

Јаневска за тоа дали нашиот образовен систем влијае врз етничките и етичките вредности ќе каже „Најмалку влијае образовниот систем, најмногу влијае политиката. Мојот животен сон се мешани мултиетнички паралелки. Инаку сметам дека младите луѓе можат да го решат тој проблем. Возрасните можат да бидат закоравени“.