Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе биде во посета на Софија, каде ќе присуствува на операта „Набуко“ од Џузепе Верди, во изведба на Националната опера и балет.
Во рамки на посетата, Сиљановска Давкова во Софија ќе оствари средба и со претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Во македонската делегација ќе биде министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Во пресрет на посетата, премиерот Христијан Мицкоски вчера во одговор на новинарско прашање што очекува од истата, повтори дека државава сака да гради добрососедски односи и дека тука нема никаква дилема.
– Ќе продолжиме да градиме добрососедски односи. Нашето мото е дека туѓото не го сакаме, своето не го даваме, а градењето добрососедски односи е европска вредност и треба така да продолжиме. На работна посета кај мене беше претседателот на Владата на Косово, Албин Курти, во периодот којшто следи договараме и со премиерот на Албанија, посета во Тирана или во Скопје, договараме и со премиерот на Република Србија посета во Скопје. Претпоставувам во периодот што следи ќе има слични такви посети и со Мицотакис и со премиерот на Бугарија. Ние се видовме на Самитот на НАТО во САД. Нашата цел е да градиме добрососедски односи и така и ќе продолжиме. Имаме наши позиции по однос на нашите интереси. Ние ќе се бориме за нашите интереси како држава и не треба ништо да биде чудно – кажа вчера Мицкоски.
Во средата на прес-конференција во Владата, Мицкоски рече дека сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во преговорите со Бугарија се додека таму не се избере Влада.
– Сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во тој процес, бидејќи како што знаете имаме период кога во Бугарија ќе се случуваат нови седми по ред, во последните три години предвремени парламентарни избори. Да почекаме да се случи таму политичка Влада, за да видиме дали постои желба за дијалог. Ние сме подготвени да разговараме, сакаме да разговараме и тоа го пренесуваме на нашите соговорници, кои доаѓаат од Брисел. Инаку што се однесува до нашите предлози, тие во јавноста се познати, коментирани многу пати до сега – рeче Мицкоски.
Говорејќи за уставните измени, оваа недела апелираше да се престане со билатерализација на евроинтегративниот процес. Според него, не станува збор дали граѓаните или политичарите имаат волја за уставни измени, туку дали во Брисел има волја да се реши ова прашање.