Весна Дамева за Наќе Георгиев: Не смееме да дозволиме вакви поединци да ја уриваат сликата за целото судство

Судскиот совет денеска на седница констатираше престанок на судиската функција на Наќе Георгиев, судија на Врховниот суд кој е осуден на казна затвор во траење од 3 години за сторено кривично дело – примање награда за противзаконито влијание.

Дамева е убедена дека Судски совет е подготвен да ги санкционира корумпираните судии како Наќе Георгиев кои, како што рече, го окупираат судството.

– Граѓаните мора да добијат правда. Молчењето е еден вид на соучесништво. Не смееме да дозволиме вакви поединци да ја уриваат сликата за судството, истакна Дамева.

Таа посочи и дека од страна на Основниот кривичен суд до Судскиот совет е доставена пресуда, врз основа на спогодба со која осомничениот Георгиев е виновен за сторено кривично дело – примање награда за противзаконито влијание и е осуден на казна затвор во траење од 3 години.

– Согласно член 73 од Законот за судовите, на судијата кој е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци му престанува судиската функција – рече Дамева.

На денешната седница донесено е решение со кое се констатира престанок на функцијата судија на Наќе Георгиев, а со тоа му престанува и правото на добивање плата.