Николоски смета дека „Телеком“ и „А1“ го напаѓаат владиниот план за влез на унгарски „4iG“

Министерот Николоски тврди дека „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“ го напаѓаат владиниот план за влез на унгарски „4iG“

„Еден од сопствениците на ’4iG’ е најголемата воена индустрија од Германија, ’Рајнметал’ (Rheinmetall), којашто ги произведува, меѓу другото, тенковите ’леопард’. Така што, кога се спремаат да не напаѓаат треба малку повеќе да се спремаат од овие два оператора, повеќе да читаат и да не напаѓаат преку свои прокси-играчи во јавност, а мислам дека дури трошат време и енергија да не напаѓаат мене, премиерот Мицкоски, Владата, можеби е подобро да потрошат време и енергија да ги намалат цените и да дадат поевтини услуги на граѓаните“, вели Николоски.

Фактичката ситуација дека унгарската групација која е заинтересирана да стане трет мобилен оператор во земјава, има стратешко партнерство со кинески „Хуавеј“, според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, се спинови за да се нападне овој проект на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Изворот на ваквите, како што Николоски ги квалификува – напади, се двата актуелни телекомуникациски оператора во земјава „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“, кои, како што изјави министерот во синоќешното гостување во „Дневникот“ на ТВ Сител, тоа го прават за да го заштитат актуелниот дуопол што го имаат на пазарот.