Пожарникари, припадници на планинската спасителна група, ренџери од НП Галичица, членови на алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид, доброволци, хеликоптери и ер трактори веќе 10 дена се ангажирани во гаснењето на пожарот на Галичица. Од синоќа по социјалните мрежи се споделува апел до сите граѓани да помогнат во гаснењето на пожарот на планината, кој веќе премина од страната на Охрид откако претходно започна на страната на Албанија и се прошири на македонска страна кон Преспа.
Според повиците за доброволци, тие треба утрово да дојдат до планинарската куќа Спиридон (кога ќе се одмине црквичето Св. Ѓорѓија на Галичица накај Ресен од десна страна) со свој алат, мотика или гребло.
„Ајде да се собереме поголем број да си ја спасиме Галичица“, се вели во апелот споделен на социјалните мрежи.
Во изминатите 10 дена тимовите се обидуваа да го стават под контрола пожарот во високо планинските предели на над 2.000 мнв, каде пристапот е возможен само со пешачење од најмалку 2 часа, а во неколку наврати беа транспортирани и со хеликоптер на МВР. Големината на огнениот фронт, тешко пристапниот терен, неповолните временски услови како и големиот број на детонации од неексплодирани гранати, не дозволија локализација на пожарот во високата зона и полека истиот навлезе во буковите шуми на исток, запад и север, информираше синоќа директорот на ЦУК Стојанче Ангелов кој предупреди на неексплодирани боеви гранати останати од Првата и Втората светска војна.
Претходно и Стојанов и од Владата предупредуја граѓаните сами да не се организираат за гаснење на пожарите туку доколку има потреба тоа да се прави во координација со службите. Нема информации дали овој апел за доброволци претходно бил искоординиран со Спасителната служба, ЦУК или МВР.