Владата го продолжи времетраењето на мерките за превенција поради топлотниот бран и за четврток. Со тоа мерките ќе бидат во сила и на 15 август, при што се препорачува ослободување од работни обврски за бремените жени и лица на возраст над 60 години.
„Во истиот период, работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот“ е наведено во владиното соопштение.
Владата препорачува во градинките да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
Според последната временска прогноза на УХМР, денеска се очекува максималната температура ќе биде во интервал од 34 до 41 степен.
И утре ќе се задржи многу топло време со максимална температура наместа и над 40°C поради што ќе биде активно портокаловото ниво за опасност од високи температури.
Од утре во попладневните и вечерните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи и со услови за појава на краткотрајно невреме. За време на викендот и во почетокот на следната седмица нестабилно ќе биде на повеќе места, локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и град, велат метеоролозите.