Гранатиран е Тел Авив

Хамас денеска истрела две ракети врз Тел Авив, прва по неколку месеци, откако во израелските воздушни напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 19 Палестинци, сето тоа пред очекуваното продолжување на преговорите за прекин на огнот во четврток.

Нема извештаи за жртви во Израел.

Од Газа беа истрелани две ракети, соопшти израелската армија. Едната паднала во морето, а другата не стигнала до израелска територија.

Военото крило на Хамас рече: „Го бомбардиравме градот Тел Авив и неговите предградија со две ракети М90 како одговор на ционистичкиот масакр врз цивили и намерното раселување на нашиот народ“.

Хамас последен пат призна дека истрелал ракети кон Тел Авив во мај годинава.

19 Палестинци беа убиени во вторникот во израелските воздушни напади врз централниот и јужниот дел на Појасот Газа, соопштија лекарите.

Шест лица загинаа во нападот на Деир Ал-Балах, меѓу кои една мајка и нејзините четиридневни близнаци, а седум Палестинци беа убиени во напад на куќа во блискиот камп Ал-Буреј. Четири лица се убиени во два одвоени напади врз кампот Ал-Магази во централниот дел на Појасот Газа и Рафах на југ, и двајца во напад на куќа во населбата Шеик Радван во градот Газа на север, соопштија лекарите.

Израелската војска соопшти дека Исламски џихад и Хамас се борат во неколку области на Газа.

Израелската војска соопшти дека убила палестински милитанти и уништила воени структури во Кан Јунис, лоцирала оружје и експлозиви во Рафах и погодила ракетни фрлачи и снајперски позиции во центарот на Газа.