Скандал во текстилна индустрија во Битола – 30 работници работеле под клуч како робови

Поради алармантни сигнали за неправилности во работењето на текстилната компанија ДПТУ СТАР ФЕЈШН ДООЕЛ – Битола, Државниот трудов инспекторат изврши надзор и откри шокантни услови на труд. Инспекторите се соочија со слика која потсетува на минатото: заклучени врати, работници затворени како во кафез и грубо кршење на работничките права.

При обидот за извршување на својата законска обврска, инспекторите се соочија со отпор од страна на работодавачот. Вратите на погонот беа заклучени, а работниците, во број од 30, беа принудени да работат во нехумани услови. Поради отсуството на основни работни стандарди, инспекторите беа принудени да повикаат полициска интервенција за да пристапат до погонот.

По поднесена претставка од наша страна, против правното лице ДПТУ СТАР ФЕЈШН ДООЕЛ – Битола, од страна на трудовиот инспекторат по извршениот инспекциски надзор беа утврдени одредени неправилности, велат од Гласен текстилец.

„Во ова правно лице, инспекторатот при вршење на инспекцискиот надзор наиде на заклучени врати додека работниците работеле во погоните.

По неуспешни обиди за влез на инспекторите истите побарале асистенција од МВР.

Пристапот на инспекторите бил овозможен дури после 20 минути чекање пред затворени врати.

Во моментот на надзорот биле затечени 30 работници кои работеле под клуч.

Работодавачот во ова правно лице работи спротивно на Законот за работните односи бидејќи истиот не водел евиденција за работното време што е спротивно на Законот.

Исто така работодавачот организира и воведува прекувремена работа и саботи и ангажира и лица без регуларен работен однос.

Работодавачот не им исплаќал додаток на плата по основ на минат труд на вработените што исто така е спротивно Законот за работните односи.

За констатираните неправилности Државниот трудов инспекторат изрече соодветна инспекциска мерка за правното лице ДПТУ СТАР ФЕЈШН ДООЕЛ Битола“, стои во соопштението на Гласен текстилец.