ДКСК: Претседателските кандидати потрошиле 7,5 милиони евра за изборната кампања
Седумте кандидати на претседателските избори што се одржаа напролет, во изборната кампања потрошиле 7,5 милиони евра, од кои најмногу Гордана Сиљановска-Давкова и Стево Пендаровски со по околу 2,6 милиони евра. Ова го покажува посебниот извештај што вчера го објави Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за претседателските избори.
Според извештајот, по трошоците за изборната кампања следуваат Бујар Османи, кој потрошил 900 илјади евра и Арбен Таравари со потрошени 800 илјади евра.
Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски и Билјана Ванковска потрошиле по околу 160.000 евра.
Во извештајот на ДКСК стои дека изборната кампања е финансирана со вкупно 459.815.831 денари, или 7,5 милиони евра.
– Од анализата на приходите по видови на извори на финансирање утврдивме дека изборната кампања е финансирана со 77 отсто од средствата обезбедени од Буџетот, додека 23 отсто се средства од други извори на финансирање, стои во извештајот на ДКСК.
За платено политичко рекламирање, седумте кандидати потрошиле вкупно 353 милиони денари, 12 милиони денари за транспортни услуги, над седум милиони денари за основни расходи, а околу 77 милиони денари им биле трошоци за реклами и пропаганда и над десет милиони денари за предизборни собири.
Во платеното политичко рекламирање, политичките партии за рекламирање на своите кандидати за претседател најмногу потрошиле во телевизиите и тоа над 300 милиони денари или речиси 85 проценти од вкупно потрошените пари.
Потоа следуваат интернет-порталите каде што за политичко рекламирање се потрошени 28,5 милиони денари, односно 8 отсто, за радијата 23 милиони денари или 6 проценти и само еден процент или 1.322.796 денари за рекламирање во печатените медиуми.
– Истакнуваме дека ДКСК смета дека финансирањето на изборниот процес со средства од Буџетот на РМ треба да се укине, поради постоење на корупциски ризици и идното влијание на политичките партии врз уредувачката политика на медиумите, стои во извештајот на ДКСК.