Во текот на минатата седмица, во Грција биле регистрирани 22 нови случаи на вирусот Западен Нил, а вкупниот број на заразени од почетокот на сезоната заклучно со вчера напладне е 55, додека пак починаа осум лица, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ).
Потврдени случаи на вирусот Западен Нил има во северниот, западниот и централниот дел на Грција, како и во Епир и Јонските острови.
Во понеделникот, од ЕОДИ соопштија дека е интензивна циркулацијата на вирусот при што бројот на регистрирани случаи е поголем отколку во претходните пет години за истиот временски период и препорачаа зголемена заштита од комарци.
Првиот случај за годинава на заразен со вирусот Западен Нил во Грција беше регистриран на почетокот на јули.
Вирусот во земјата е присутен во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.
Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51.
Лани, во Грција биле регистрирани 162 случаи, а од Западен Нил починале 23 лица.