Австрискиот канцелар порача дека благодарение на соработката на австриската полиција со странски безбедносни служби, заканите за можни терористички напади биле навремено идентификувани со што е спречена голема трагедија
По синоќешната акција на австриската полиција во која беа уапсени две лица за кои постојат сомнежи дека планирале да изведат терористички напади на стадионот „Ернст Хапел“ во Виена, каде неделава американската музичка ѕвезда Тејлор Свифт требаше да одржи три концери, австрискиот канцелар Карл Нехамер објасни дека безбедносната ситуација околу планираниот напад била многу сериозна и дека навремената реакција спречила голема трагедија.
Тој на социјалната мрежа „X“ напиша дека успешната акција е плод на меѓународна соработка на австриската полиција со странски разузнавачки и безбедносни служби, а со тоа е избегната и голема трагедија.
„Голема благодарност до службите за итни случаи кои и понатаму ги истражуваат овие случаи. Живееме во време кога се користат насилни средства за напад на нашиот западен начин на живот“, напиша Нехамер.
Тој вели исламистичкиот тероризам ја загрозува безбедноста и слободата во многу западни земји и дека токму затоа нема да се откажат од вредностите како слобода и демократија, туку се решени уште пожестоко да ги бранат.
„Овие вредности се основата на нашето општество и не прават отпорни на екстремизмот и тероризмот. Важно е да бидеме будни, да застанеме заедно и да преземеме решителна акција против радикалниот исламизам“, рече Нехамер.
Првиот човек на полицијата на Виена, Герхард Пристл, рече дека полицијата трага по уште три осомничени лица, а австрискиот портал „Курир“ објави дека второто осомничено лице е уапсено во Виена и дека има 17 години.
Синоќа, австриското министерство за внатрешни работи соопшти дека се уапсени две лица кои планирале терористички напад на концертот на американската ѕвезда, а главниот осомничен, според информации на весникот „Кронен цајтунг“, е 19-годишен Австриец со потекло од Македонија, кој живеел со своето семејство во градот Терниц.
Генералниот директор за јавна безбедност од австриското министерство за внатрешни работи изјави дека токму планираните концерти биле потенцијалните цели на главниот осомничен и дека рациите и апсењата се резултат на соработката на локалните и државните полициски агенции.
„Идентификувавме релевантни подготвителни активности и исто така фокусот на 19-годишникот биле концертите на Тејлор Свифт“, изјави Руф.
Во полициската акција биле запленети хемиски супстанци од домот на првоосомничениот, а превентивно биле расчистени и куќите во близина поради страв од присуство на поголеми количини експлозиви.
По апсењето двајца терористи кои планирале напад, Тејлор Свифт ги откажа планираните концерти во Виена
Руф воедно рече дека двајцата осомничени се радикализирале преку канали од интернет и дека 19-годишникот се заколнал на верност на терористичката група „Исламска држава“. Иако полицијата даде повеќе информации за главното осомничено лице, сепак за второто нема информации за тоа колку години има и дали е австриски државјанин.
По ваквиот расплет на настаните, Промотерот на пејачката Тејлор Свифт, „Баракуда мјузик“, објави дека настапите на американската пејачка кои требаше да се одржат во главниот град на Австрија, Виена, оваа недела, се откажани за да се осигура безбедноста на сите граѓани.