Нема да има колективен одмор за Владата

Владата нема да оди на колективен одмор туку министрите ќе користат парцијално годишен одмор, пренесува „Вечер“.

Премиерот Христијан Мицкоски ова лето поголемиот дел останува работно ангажиран, и само кус период од 8 до 11-ти месецов ќе се приклучи на одморот на неговото семејство, сопругата Рози и двете деца, кои стандардно и веќе традиционално се во Црна Гора.

Поради обврските со владата и работна координација, премиерот ќе искористи само дел од одморот, но, како што вели и тие неколку дена поминати со семејството се доволни и драгоцени за него.

Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски веќе го искористил својот одмор, додека министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска ова лето одморот ќе го искористи во втората половина од август.

Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација најверојатно ќе замине на 2-3 дена до Црна Гора.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ќе искористи можност во слободни викенди да замине до Охрид од каде и потекнува.

Вицепремиерот и министер за етнички заедници Иван Стоилковиќ практично нема да има одмор, бидејќи, како што вели, се сели од град во село, и за тоа ќе го искористи одморот кој иако краток, ќе биде со работни прекини во два наврати.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски веќе требало да биде на одмор со семејството во Турција, но поради обврските се надева дека ќе успее да им се придружи барем на два-три дена.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев сеуште нема испланирано и договорено летен одмор.

Вицепремиерот и министер за екологија Изет Меџити веќе користи неколку дена одмор во Грција, исто како и министерот за здравство Арбен Таравари.

Министрите кои доаѓаа од коалицијата Вреди, според информациите на весникот, во најголем дел ќе одат на неколкудневен одмор во Албанија или на турското крајбрежје.