Косовските Срби најавија за денеска протест во северно Косово поради, како што беше објавено во повикот на организаторите, „лошата состојба на српскиот народ“ во земјата.
Протестот е свикан за во 11 часот на плоштадот „Цар Лазар“ во Северна Митровица“.
Полицијата е известена за протестот и ќе биде присутна за да се погрижи ситуацијата да не излезе од контрола, иако не се очекуваат проблеми.
– Група граѓани го најави протестот за во 11:00 часот, кој е предвиден да се одржи на плоштадот „Цар Лазар“. Се очекува протестот да биде мирен, а полицијата ќе биде во доволен број за да го одржува јавниот ред и мир, иако не очекуваме никакви проблеми, изјави заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани.
Овој протест во вторник го спомена и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој рече дека Србите ќе реагираат на намерата на властите во Приштина да го отворат мостот на реката Ибар, кој ги поврзува јужниот и северниот дел на градот Митровица.
Изминативе денови имаше јасни повици од меѓународната заедница за неотворање на овој мост. Мисијата на НАТО во Косово, КФОР, се закани дека ќе реагира доколку се преземат активности за негово отворање без претходен договор со Србија. Реакции имаше и од амбасадорите на земјите од групата Квинта и од ЕУ.
Министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља во вторникот го посети косовскиот север, инсистирајќи дека мостот треба да се отвори за сообраќај на возила.