Кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи соопшти дека е „за жалење“ начинот на кој бил разрешен инцидентот со претседателката од 1 август, односно на прес-конференција на косовскиот премиер Албин Курти и неговиот македонски колега Христијан Мицкоски на 5 август во Скопје.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на вчерашната прес-конференција рече дека му е жал за инцидентот на скопскиот аеродром во кој учествуваше и косовската претседателка Вјоса Османи. Неговиот косовски колега Албин Курти рече дека официјалниот извештај ќе го расветли целиот инцидент.
Кабинетот на косовската претседателка соопшти дека споменатата конференција „уште повеќе придонесе за пропагандата против Република Косово“, јавува косовскиот сервис на Радио Слободна Европа.
„Она што се случи на аеродромот во Скопје е јасно прекршување на меѓународните правила признати и применувани во целиот свет, затоа Претседателството очекува да биде информирано за преземените мерки во врска со овие прекршувања, како што е нагласено во протестната нота испратена од Р. Косово“, се наведува во реакцијата од Кабинетот на косовската претседателка.
Оваа институција соопшти дека го цени изразот на жалење за инцидентот од страна на македонскиот премиер, но додаде дека досега „институциите на Северна Македонија никогаш не се занимавале со прашањата покренати во протестната нота за кршење на меѓународните обичаи“ во однос на кон Република Косово и дека напротив, тие отворено и без никакво двоумење прифатиле такво прекршување.
„Нема потреба од дополнителни извештаи и истраги за каква било фактичка состојба, бидејќи тие се целосно ирелевантни пред јавното прифаќање на институциите на Северна Македонија дека таквото правило е намерно наметнато и покрај јасните барања на меѓународното право“, се додава во реакцијата.
Од Кабинетот на Османи повторуваат дека Вјоса Османи не ги пречекорувала и не ги прекршила процедурите при нејзините патувања во различни земји во светот. Оттаму соопштија и дека веќе неколку дена се финализирани извештаите што за овој случај ги подготвува оваа институција и косовската полиција.
Од Кабинетот на косовската претседателка го оценија настанот што се случи на аеродромот во Скопје како „чиста провокација и тенденција за предизвикување инцидент“.
На прашањето на косовскиот премиер Курти во Скопје дали Косово се уште останува на ставот дека овој настан е провокација, тој рече дека не знаел оти институциите имале таков став и дека некој „граѓанин“ можеби го рекол тоа, но не и институциите на Косово, нагласувајќи дека Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово преку соопштенија го презентираа ставот на Владата.
Тој рече дека за овој случај „ќе има официјален извештај што ќе ја разјасни оваа работа во целост, како да се разбере што точно се случило, но и да се осигура дека такви ситуации никогаш повеќе нема да се повторат“.
Кабинетот на претседателката Османи на 2 август ги обвини македонските власти за кршење на меѓународната пракса и Виенската конвенција за дипломатски односи, наведувајќи дека на 1 август член на безбедносниот тим на скопскиот аеродром (ТАВ) се обидел да и го земе телефонот на претседателката Османи.
Македонското Министерство за надворешни работи изрази жалење за, како што велат, недоразбирањето што се случило за време на патувањето на Вјоса Османи на аеродромот во Скопје. За овој случај е отворена истрага.
Од компанијата ТАВ наведуваат дека секторот за безбедност во рамките на својата надлежност извршил стандардна безбедносна проверка.