Поранешниот чешки војник Филип Симан, доброволец во Украина, во Прага е осуден на седум години затвор бидејќи борејќи се на украинска страна, ограбил мртви војници и цивили и ги чувал парите, накитот или луксузните предмети што ги нашол.
Симан се пријавил во Киев три недели по рускиот напад на Украина како доброволец и по обуката се приклучил на волонтерскиот баталјон Карпатска Шич, под команда на украинската армија, каде што патролирал во градовите Буча и Ирпињ во регионот Киев како командант на 11 волонтери.
Симан (27) се бранел дека собирал само сувенири и дека повисоките службеници му наредиле да ограбува починати соборци и цивили, но за време на судењето пред Градскиот суд во Прага било откриено дека се снимал како зема накит, пари, оружје или маска за кислород од уништениот најголем авион во светот Ан 225 Мрија.
„Филип често се враќаше и радосно кажуваше дека нашол нешто. Тој вадеше накит од мртви луѓе“, потврдија сведоците за време на судењето.
На снимките пронајдени на неговиот мобилен телефон се слуша како се радува на наоѓање луксузни очила за сонце.
„Зедов некои работи, но ништо за да се збогатам. Можев да земам многу повредни работи. Правам како што ми е кажано. Командантот ми рече дека воениот плен е воен плен“, рече Симан во своја одбрана.
Филип Симан исто така беше осуден за нелегална служба во странски вооружени сили, бидејќи чешките закони тоа не го дозволуваат, а претседателот на Чешка може да одобри индивидуален исклучок.
Осудениот Чех се правдаше дека го зема здраво за готово ветувањето на тогашниот чешки претседател Милош Земан и премиерот Петар Фиала дека Чесите кои доброволно се пријавиле да се борат на украинската страна нема да бидат кривично гонети.