Потпретседателката на САД и најверојатен демократски кандидат за претседател на земјата, Камала Харис, ја одбила поканата на нејзиниот ривал и поранешен шеф на Белата куќа, Доналд Трамп, да ја имаат првата дебата на тв „Фокс њуз“ идниот месец.
Трамп претходно на својата социјална мрежа објави дека се договорил со американската телевизија да одржи дебата на 4 септември во Пенсилванија, со присутни модераторот и публиката на мрежата.
Пред повлекувањето на актуелниот американски претседател – Џозеф Бајден од трката за реизбор, на 10 септември на „ABC“ беше закажана втората дебата на претендентите за највисоката функција во САД.
„Дебатата за `ABC` е откажана“ – рече Трамп, наведувајќи ја одлуката на Бајден да се повлече и неговата судска постапка против водителот Џорџ Стефанопулос, за која тврдеше дека е „конфликт на интереси“.
Мајкл Тајлер, портпаролот на изборниот штаб на Камала Харис, во изјавата рече дека „Трамп треба да престане да игра игри и да се појави на дебатата на која веќе се обврза на 10 септември“.
„Доналд Трамп е исплашен и се обидува да се повлече од дебатата на која веќе се согласил и да трча директно во Фокс њуз за да го спаси“, истакна Тајлер.
Ниту од штабот на Трамп не им останаа должни на своите ривали.
„Звучи како Камала Харис и нејзиниот персонал да се `премногу кукавици` за да прифатат рана дебата“, напиша портпаролот на кампањата на Трамп – Стивен Чанг на мрежата X.