Нов состанок на македонско-бугарската Комисија за историски прашања

Нов состанок ќе одржи денеска и утре Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Осумнаесеттиот состанокот ќе се одржи во Скопје, а на дневен ред ќе бидат забелешките дадени од бугарската страна за средовековниот период за нашите учебници по историја за седмо одделение, откако беа разгледани македонските забелешки за бугарските учебници за шестто одделение.

Копретседавач од македонска страна во заедничката македонско-бугарската Комисија, Драги Ѓоргиев за МИА изјави дека работата на Комисијата се одвива во позитивна атмосфера и доколку така продолжи, според него, ќе дојде до приближување на ставовите.

Во однос на прашањето за Гоце Делчев, кое се дискутира од аспект на заедничкото чествување, Ѓорѓиев вели дека тоа ќе се отвори на овој состанок, доколку остане време.

Претходниот состанок на Комисијата се одржа во Софија и беше првиот оваа година, но и првиот по заедничката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија на 25. јануари во Софија, со која и почна имплементирањето на новиот пристап кои го зацртаа Ковачевски и Петков во обидите да се реши спорот меѓу двете земји.

Во соопштението по последниот состанок во Софија беше наведено дека тој поминал во конструктивна атмосфера.

„Во рамките на заедничката седница на Владите на Бугарија и Северна Македонија, што се одржа на 25 јануари, копретседавачите на Комисијата проф. Драги Георгиев и проф. Ангел Димитров постигнаа согласност за организирање три средби до крајот на месец мај“ – се нагласува во соопштението од последниот состанок, кој се одржа кон крајот на февруари.

Според најавите, во текот на 2022 година би требало да се одржат 5 средби на Комисијата.

Досега Историската комисијата има дадено препораки до владите во Скопје и Софија за заедничко чествување на 5 личности – Цар Самоил, браќата Кирил и Методиј и Свети Климент и Свети Наум Охридски.