Фон дер Лајен: Приемот на нови членки во ЕУ е наша морална, историска и политичка одговорност

Европското соседство е дел од нашата иднина и приемот на нови земји во нашата Унија претставува морална, историска, политичка и огромна геостратешка одговорност за Европа, порача денеска кандидатката за претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред пратениците на Европскиот парламент

– Ќе ги поддржиме кандидатите за членство со инвестиции и спроведување на реформите и ќе ги интегрираме, кога ќе можеме, во нашата правна рамка. Пристапувањето секогаш ќе биде процес базиран на заслуги и ќе обезбедиме сите земји да бидат подготвени за членство. Комплетирањето на нашата Унија е во наш суштински интерес и ќе биде суштински приоритет на мојата Комисија, порача Фон дер Лајен, презентирајќи ги пред европратениците своите приоритети за работа во следниот мандат во пресрет на денешното гласање за нејзин реизбор на функцијата.

Според неа, во денешниот свет проширена Унијата би била посилна Унија, би го зајакнала својот глас во светот, би гарантирала намалување на нејзината зависност и би обезбедила гаранции дека демократијата, просперитетот и стабилноста се раширени низ Европа.

– Длабоко сум убедена дека историјата повторно не повикува. Западниот Балкан, Украина, Молдавија и Грузија го направија нивниот слободен избор. Тие избраа слобода наместо угнетувањето, тие избраа демократија наместо зависност и некои од нив платија многу висока цена за овој избор. Затоа ние мора да го направиме нашиот избор и да искажеме посветеност дека нивната иднина ќе биде слободна и просперитетна во нашата Унија, истакна Фон дер Лајен.

По нејзиното обраќање започна дебата на европратениците за презентираната програма за работа на Фон дер Лајен. Гласањето за реизбор на Фон дер Лајен е предвидено за 13 часот.