„Од објавувањето на нашата одлука за генерален штрајк, синоќа околу 19 часот, досега немаме никаква порака или барање за работна средба, се надеваме дека во наредниве денови ќе добиеме. Последните неколку дена беа интензивни обидите за преговори со Владата кои беа безуспешни“. Ова денеска го соопшти Јаким Неделков, претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК.
Синдикатот вчера на седница одлучи од 11. април да се организира штрајк на вработените во образованието и градинките и дека одлуката ја поддржуваат огромен процент на неговото членство затоа што не се исполнети барањата за зголемување на платите согласно минималната и соодветно усогласување на колективните договори во дејностите образование и детска заштита.
„Без стартна позиција – сега и веднаш, што за нив е неприфатливо, ние не можеме ниту да излеземе од закажаниот штрајк ниту, пак, можеме да разговараме за одредени реформи кои ги предвидува Владата за наредниот период во дејноста образование. Затоа е битно сега да се зголемат платите за да имаме простор за да продолжиме. Во спротивно, ако немаме никакви предлози, како би можеле ние да го прекинеме штрајкот“ – рече Неделков на прес-конференција.
Советот на СОНК ги задолжил регионалните одбори да ги преземат сите неопходни подготовки за организирање и одржување генерален штрајк во градинките и во основните и средните училишта во кои има членови на СОНК, како и во установи каде што по пат на солидарност би се приклучиле и други вработени.
„Штрајкот би бил класичен, а тоа значи дека вработените кои ќе бидат во штрајк, нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес“ – информираа од СОНК.