Над 10 милиони Украинци ги напуштиле своите домови од почетокот на војната – објави ОН.
Според извештајот, од нив, 6,5 милиони луѓе се раселени во Украина, а 3,9 милиони се во соседните земји, изјави заменик-координаторот на ОН за хуманитарни прашања – Џојс Мсуја.
Мсуја вели дека хуманитарната помош се зголемува секој ден и дека повеќе од 1.230 вработени во ОН работат со 100 хуманитарни организации низ Украина.
„Украина е хуманитарен парадокс: рамо до рамо со екстремното насилство, гледаме екстремна љубезност, длабока солидарност и грижа“, рече Мсуја.
„За да обезбедиме поголема хуманитарна поддршка, потребен ни е детален, реален договор за хуманитарни прекини на огнот и прекини за да се овозможи помошта да влезе и луѓето да си заминат. Хуманитарните организации се загрижени за ризикот од трговија со луѓе, како и за сексуалното насилство, експлоатација и злоупотреба во Украина и во регионот. Предаторите ги мамат самохраните родители со ветувања за превоз и сместување“, рече таа.