Макроекономската стабилност во земјава е зачувана и покрај глобалните случувања

Макроекономската стабилност во земјава е зачувана и покрај последните случувања во Украина, кои значително го менуваат глобалниот економски контекст. Денарот е стабилен и ќе остане и понатаму стабилен, за што гарантира богатиот монетарен инструментариум на Народната банка (НБ), а пред се високото ниво на девизни резерви.

Ова, како што информираат од НБ, беше истакнато на средбата на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска со Анди Аранитаси, претставникот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава.

„Од страна на претставниците на ЕБОР беа поздравени политиките кои ги спроведува Народната банка и беа оценети како соодветни на тековната ситуација во функција на одржување на макроекономската стабилност“ – соопштија од НБ.

На состанокот било дискутирано за макроекономската состојба во македонската економија по здравствената криза и мерките коишто беа преземени заради надминување на негативните ефекти.

„Kризата во Украина значајно го менува макроекономскиот контекст и во глобални и во домашни рамки. Таа значи надолен ризик за економскиот раст, а нагорен ризик за инфлацијата. Во услови на висока  неизвесност, Народната банка внимателно ги следи информациите и движењата во економијата. Од страна на гувернерката на Народната банка, беше посочено дека и покрај добрата кондиција на девизните резерви и историски високата ликвидност на банките, на располагање се и дополнителни заштитни механизми со кои се гарантира макроекономската стабилност“ – посочуваат од НБ.