Пописот во земјава се спроведе од 5 до 30 септември 2021 година, а денеска Државниот завод за статистика ќе ги објави податоците.
Пописот 2021 е прв попис по многу параметри – прв по речиси две декади, првпат во пандемија, првпат со комбиниран метод, прв на кој се попишува дијаспората и најважно од се, наспроти сите предизвици успешно завршен.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во интервју за даржавната МИА рече дека пописот и покрај сите предизвици е темелен, точен и прецизен приказ и пресек на нашето општество.
Објавувањето на податоците ќе се одвива сукцесивно, по сетови на податоци. Првиот сет на податоци што ќе биде објавен денеска, ги опфаќа податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства, а во месеците што следат ќе бидат објавувани сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, попреченост…
Според податоците објавени на веб страницата на Државниот завод за статистика веднаш по завршувањето на Пописот на 30 септември, попишани се вкупно 1.832.696 лица, регистрирани се 568.175 домаќинства и 837.255 станови. Самопопишани лица во странство се 204.805 граѓани.
Последниот попис во државава беше одржан во 2002 година, кога вкупното население изнесуваше 2.022.547 лица, имало 564.296 домаќинства и 698.143 станови. Според националната припадност Македонци се изјасниле 1,297,981 (64,17%), Албанци 509,083 (25,17%), Турци 77,959 (3,85%), Роми 53,879 (2,66%), Срби 35,939 (1,77%), Бошњаци 17,018 (0,84%), Власи 9,695 (0,47%) и 20,993 (1,03%) останати.