Градот Лисичанск, во источниот дел на Украина е гранатиран, а наводно биле погодени станбени блокови.
„Оштетени се повеќе високи згради. Чекаме информации за жртвите. Многу згради се урнаа. Спасувачите се обидуваат да ги извлечат луѓето под урнатините“ – напиша на Телеграм регионалниот лидер на Луганск, Сергеј Гајдаи.
Генералштабот на украинските вооружени сили синоќа го објави својот најнов разузнавачки извештај, во кој се тврди дека руските трупи продолжуваат да се повлекуваат од територијата на Киев и Чернигов во северна Украина, но дека тоа е само „ротација на одделни единици“ со цел да се измами военото раководство на Украина, според британскиот весник.
Во извештајот се прецизира дека, „според некои разузнавачки информации, рускиот непријател ги прегрупира единиците за да ги насочи своите главни напори кон исток“.
Се наведува и дека „истовремено, таканареченото „повлекување на војниците“ е веројатно ротација на одделни единици“, чија цел е „да се измами военото раководство на вооружените сили на Украина и да се создаде заблуда дека окупаторот се откажува од планот за опколување на градот Киев“.