СОНК најави – од 11. април штрајк во училиштата и градинките

Иако денеска беа на преговори во Владата, Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК), од 11. април реши да започне со генерален штрајк, информираше вечерва претседателот на Синдикатот – Јаким Неделков.

„Советот на СОНК донесе едногласна Одлука за Генерален штрајк кој што ќе започне на 11. април. Денешните преговори завршија без предлог од страна на Владата“ – напиша Неделков на Фејсбук.

Тој на тв Сител рече дека школите и градинките од 11. април нема да работат до исполнувањето на барањата на СОНК – зголемување на платите во образованието за 18,5 отсто.

„Одговорот од Владата беше дека сме во економска криза, кризата со Украина и слично, но нашите плати, во просек од 25,000 денари не стигаат за задоволување на основните месечни потреби“ – изјави Јаким Неделков.

Во моментов, платите на вработените во градинките изнесуваат околу 23.000 денари, во основните училишта речиси 25.000, а во средните до 29.000.

Претходно, од Владата по денешната средба со претставниците на СОНК соопштија дека ќе продолжи континуираниот дијалог, се додека не се најде конечно решение за зголемување на вработените во образовниот сектор.