Ацевски: И по 28 години немаме железничка пруга, а прашање е и колку изгубивме за 10 години додека се гради автопатот Кичево – Охрид
И по 28 години земјава нема железничка пруга, а прашање е и колку додадена вредност изгубија економијата и туризмот во последнава деценија додека се гради автопатот Кичево – Охрид, рече вечерва главниот државен ревизор Максим Ацевски, осврнувајќи се на извештаите за реализацијата на капиталните инвестиции.
Во гостувањето на ТВ Сител, Ацевски се осврна и на минералните суровини, укажувајќи дека и кон нив се однесуваме неодговорно, зашто според анализите, од нивната експлоатација профит практично имаат само приватните компании, но не и државата.
-Првиот договор за Коридорот 8 е склучен во 1996 година, а сега сме 2024 година и за жал, немаме железничка пруга. Се работи за 28 години. За кредитите и заемите за овој Коридор државата досега има платено 4,6 милини евра провизија и споредни трошоци за неповлечени кредитни транши и заеми. За Коридорот 8, првично биле утврдени 340 милиони евра, а до денот на ревизијата 560 милиони. Само може да претпоставиме колкав ќе биде овој износ до реализацијата. Во 2020 година имаме информација за Клиничката блница во Штип, за автопатот Кичево – Охрид, за пругата од Куманово кон бугарска граница. Вкупните трошоци на капиталните инвестиции во тој поериод беа 57 милиони евра од кои државата платила 17 милиони евра казнени пенали за неповлечени кредити и заеми.Се поставува прашањето, дали сме доволно богати за несоодветно да управуваме со јавните инвестиции, истакна ревизорот.
Според него, „од осамостојувањето на државата досега очгиледно не изградивме систем за утврдување приоритетни капитални инвестиции“.
Во врска со ставот на министерот за транспрот и врски дека во 2026 година ќе биде реализиран автопатот Кичево – Охрид, ДЗР вели дека заклучно со 31.12.2023 година истекува Договорот за овој автопат.
-Се направија измени и дополнувања на соодветниот Закон за да се направи анекс на Договорот за изградба на автопатот која досега трае десет години и чија првична вредност беше 411 милиони евра, во овој момент, до крајот на ревизијата е 589 милиони евра, а реализацијата до денот на издавањето на конечниот ревизорски извшетај беше 466 милиони. Прашуваме, која е додадената вредност што ја изгубивме за 10 години во однос на тоа што немаме автопат, колку изгуби нашата економија, колку изгуби туризмот, колку живот изгубивме, нагласи Ацевски.