Мал напредок во руско-украинските преговори и цената на нафтата паѓа

Поради знаците за напредок во разговорите меѓу Русија и Украина цените на нафтата паднаа под 106 долари за барел. Прекинот на огнот на украинска територија би можел да ги олесни проблемите со снабдувањето со руска нафта и послабата кинеска побарувачка во услови на построги мерки за контрола на Ковид-19.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнево беше пониска за 6,51 долар во однос на претходното затворање и изнесуваше 105,97 долари. На американскиот пазар денеска се тргуваше за 99,55 долари – 6,41 долари пониско за барел.

Трговците вчера беа загрижени за строгите мерки за сузбивање на Ковид-19 во Шангај, што ја погоди побарувачката за гориво во Кина, најголемиот увозник во светот.

На Шангај отпаѓа околу четири отсто од потрошувачката на нафта во Кина, објаснуваат аналитичарите на ANZ Research.