Макрон денес ќе разговара со Путин

Претседателот на Франција – Емануел Макрон денеска ќе разговара телефонски со рускиот претседател Владимир Путин, соопштија од Елисејската палата.

Портпаролката на француското Министерство за надворешни работи, Ан-Клер Лежандре, изјави дека Макрон за денеска планира повторно да разговара со Путин. Таа рече дека се очекува да се разговара за деталите од планираната хуманитарна операција за евакуација на цивили од Мариупол, со помош на Грција и Турција.

Додаде дека Франција има намера да ја одржи активна комуникацијата со Русија.

По однос на изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, за плановите на Москва да воведе визен режим за државите означени како „непријателски“, Лежандре појасни дека земји-членки на ЕУ се на тој список.

Макрон последен пат беше во посета на Москва на 7. февруари каде се сретна со Путин, а еден ден потоа замина за Киев.