Ердоган: Дојде време разговорите да дадат конкретни резултати!

„Напредокот во преговорите меѓу руската и украинската страна, кои почнаа денеска во Истанбул, ќе го отвори патот за средба меѓу двајцата претседатели на тие земји“. Ова го изјави турскиот претседател – Реџеп Тајип Ердоган.

Тој во своето обраќање пред преговарачите во Истанбул истакна дека е дојдено време разговорите да дадат конкретни резултати и повика на итен прекин на огнот.

Тој нагласи дека одговорност на страните е „да ја запрат оваа трагедија“, дека „нема да има губитници во постигнувањето праведен мир“ и дека „продолжувањето на конфликтот никому не му користи“.

Турскиот претседател изјави дека неговата земја уште од самиот почеток зазела „правичен став“ за конфликтот во Украина на сите нивоа и дека преговарачкиот процес што започнал ги зголемил надежите за мир.

Ердоган, исто така, изрази надеж дека средбите ќе бидат корисни за земјите и регионот, а особено нагласи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин се драгоцени пријатели на Анкара.