Сениорската фудбалска репрезентација на Македонија утревечер од 20:45 часот во Порто ѝ гостува на Португалија во еден од двата финални бараж натпревари во европските квалификации за Мундијалот од 21 ноември до 18 декември во Катар.
Македонските фудбалери се пласираа во финалето од мундијалскиот бараж со минатонеделната сензационална победа над Италија (1-0) во Палермо, додека, Португалија пред домашните навивачи во Порто ја елиминираше Турција со 3-1.
Во истиот вечерен термин со дуелот на стадионот „Драгао“ во Порто, репрезентацијата на Полска утре на стадионот „Силестијан“ во Хорзов е домаќин на Шведска.
Полска директно се пласираше во финалниот бараж по суспензијата што ФИФА ѝ ја изрече на Русија, додека Шведска во полуфиналето на домашен терен ја совлада Чешка со 1-0 по продолженија.
Последниот патник од Европа за Светското првенство во Катар ќе биде познат во јуни, кога Велс ќе биде домаќин на баражот, а за противник ќе го има победникот од полуфиналето меѓу Шкотска и Украина, кое беше одложено поради војната во Украина.
Пласман на Мундијалот досега обезбедија 20 репрезентации – Србија, Данска, Германија, Франција, Белгија, Хрватска, Шпанија, Англија, Швајцарија, Холандија, Бразил, Аргентина, Еквадор, Уругвај, Канада, Катар, Иран, Јужна Кореја, Јапонија и Саудиска Арабија.
Жрепката за групната фаза е закажана за 1. април во Доха.