Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денес оствари средба со амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва.
На средбата беше истакнато взаемно задоволство од одбележувањето на 30-години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, кои се карактеризираат со развиена соработка во многу сфери и отворен и продлабочен дијалог по сите клучни прашања за двете земји.
Министерот Муцунски се заблагодари за силната чешка поддршка за процесот за интеграција на нашата земја во ЕУ, особено нагласена и преку Вишеградската и Групата на пријатели на проширувањето, како и преку т.н. Славков формат. Притоа, ја потенцира цврстата определба на новата влада за забрзување на евроинтеграцискиот процес и спроведување на клучните реформи.
Министерот изрази интерес за искористување на потенцијалот за натамошно развивање на економската соработка меѓу двете земји во повеќе области, меѓи кои и во енергетскиот сектор и земјоделството. Притоа, изразувајќи задоволство од порастот на трговската размена во изминатите години, Муцунски ја нагласи важноста од натамошен фокус на унапредувањето на бизнис релациите, што ќе биде меѓу приоритетите на Министерството во следниот период.