Маричиќ: Иднината на регионот е во ЕУ

Вицепремиерот Бојан Маричиќ оствари средба со министерот за сојузни, европски и меѓународни прашања во Владата на Сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија – Штефан Холтхоф-Пфертнер. Маричиќ на средбата изрази благодарност за посветеноста на германската Влада на европската перспектива на С. Македонија, особено во време на геополитичките предизвици со кои се соочува континентот.

„За нас е многу важна оваа посета, бидејќи сметам дека е сигнал за посветеноста на Сојузна Република Германија на проширувањето на Унијата со земјите од регионот. Сега е време за лидерски чекор и очекуваме силна поддршка за земјите од Западен Балкан, затоа што иднината на регионот е во Европската Унија и тоа мора да биде потврдено што е можно поскоро“ рече Маричиќ.

Министерот Холтхоф-Пфертнер го потврди напредокот на земјата во реформите и дека одамна С. Македонија заслужи да ги започне преговорите со Унијата. Тој изрази и надеж дека преговорите со Бугарија ќе бидат успешни, исто како и со Грција, и во ова време на глобални предизвици, сите заеднички ќе докажат дека Европската Унија е единствената опција за земјите од регионот.