Дурмиши: Министерството за економија и труд ќе се фокусира на подобрување на бизнис климата и на работничките права
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши денеска одржа прес-конференција за медиумите на која информираше за надлежностите и активностите на Министерството за економија и труд.
Министерот појасни дека во надлежност на Министерството за економија и труд, со новата реорганизација, главниот фокус ќе биде: засилена поддршка на индустријата,креирање мерки за микро, малите и средни компании, зголемување на конкурентноста на бизнисот, внатрешниот пазар, трговијата, како и поддршката на работодавачите, креирање на мерки и политики за вработување, подобрување на пазарот на труд и заштита на работничките права.
„Во делот на инвестициите, ќе продолжиме со финансиска поддршка за инвестициите за домашните и странските компании која што е регулирана со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Закон кој што е во наша надлежност. Планираме постапката и условите за доделување на државната помош да бидат ревидирани во насока на поголем износ на поддршка за домашните компании што извезуваат и компаниите од секторите со конкурентна предност. Во делот на конкурентноста на компаниите, ќе работиме на целокупен концепт за поддршка на конкурентноста на македонската индустрија, зелена и дигитална трансформација на индустријата, циркуларна економија и засилена соработка со академијата за пренос на знаење, истражување и развој и иновации. Во комуникација и дијалог со бизнис секторот и коморите ќе работиме на креирање на заеднички визија за предизвиците со кои се соочуваат компаниите и на домашниот и на извозните пазари. Ќе креираме нови мерки кои ќе произлезат од барањата на компаниите. Ние ќе бидеме главниот глас на бизнисот во Владата да се пренесат нивните барања, потреби и приоритети со цел да создадеме поконкурентни компании, поконкурентна економија, а со тоа и нови инвестиции кои ќе креираат нови работни места“ кажа Дурмиши.
Според министерот, во фокусот ќе останат микро, малите и средните претпријатија кои се најбројни во домашната индустрија. Ќе се зголемат финансиите и мерките кои ќе ги креираме за микро малите и средните компании.
„Ќе се фокусираме на целосна инфраструктурна и логистичка поддршка на индутриските зони. Странските инвеститори, бизнис секторот, работодавачите и коморите ќе бидат консултирани при носење на сите законски решенија, а ние ќе бидеме нивен партнер за соработка. Правата на работниците и пазарот на труд ќе биде наш нов предизвик на кој ќе дадеме максимална посветеност.Приоритет ќе ми бидат унапредувањето на правата на работниците, заштита на работничките права. Со новата реорганизација и превземањето на секторот Труд во наша надлежност, ќе се поврзат бизнисот и работниците во една целина. Со ова поврзување се дава можност да се видат и да се слушнат сите фактори во еден производствен процес, кажа Дурмиши.