Врз основа на програмата на Министерството за транспорт, во Атина, до крајот на 2025 година ќе сообраќаат вкупно 900 нови автобуси, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис при неговата посета на гаражата со автобуси од јавниот превоз.
Мицотакис посочи дека веќе во Атина и Солун сообраќаат првите 250 електрични автобуси.
– Имаме двојна цел, да продолжиме со целосна замена на стариот автобуски возен парк со модерни автобуси, кои имаат многу специфични карактеристики. Сите се еколошки, климатизирани, располагаат со целосна пристапност за нашите сограѓани со посебни потреби. И мислам дека граѓаните кои веќе влегоа во овие автобуси ја гледаат многу големата промена во квалитетот на нивното патување, рече Мицотакис објаснувајќи дека автобусите што веќе се пуштени во сообраќај се финансирани од европскиот Фонд за закрепнување.
Додаде дека обновувањето на возниот парк е „уште еден доказ за акцентот што Владата го става на секојдневието на граѓаните“.