За делувањето на Петре М. Андреевски академик Влада Урошевиќ, еден од приредувачите на „Книга за Петре“ за Трилинг вели „Петре спаѓа во онаа група на млади момчиња кои во крајот на педесетите и почетокот на шеесетите години на минатиот век донесоа нова свежина во македонската литература. Под притисокот на таа огромна енергија која ја поседуваа тогаш овие млади писатели попуштија тие догматски брани кои го спречуваа понатамошниот развиток на македонската литература во тоа време. Таа таканаречена трета генерација беше всушност оној решителен тег на вагата на вредностите кој направи да претежне книжевниот квалитет врз идеолошки ориентираните пароли“.
Урошевиќ вели дека „делото на Петре веднаш ги освои читателите. Денес тој е автор на едно култно дело од поезијата `Дениција` и едно култно дело од областа на романот, `Пиреј`“.
„Петре по природа беше молчалив, затворен човек. Но тој влијаеше со својата литература. Тој го покажа едниот од можните патишта по кои тргна македонската литература. Делата на Петре М. Андреевски останаа како еден траен репер за следните творци како и каде да ја бараат својата инспирација“ смета Урошевиќ.
Живко Гроздановски – претседателот на Друштвото на писатели за Петре М. Андреевски ќе рече „Петре ја има таа жестокост и природност, автентичност во неговиот стил. Читајќи го Петре и неговите раскази за неговиот роден крај мене ми послужија да развијам еден подлабок и поинтимен однос со мојот роден крај“.