Англискиот фудбалски судија – Ентони Тејлор (43), кој ја делеше правдата во финалниот плејоф во Тбилиси (Грузија) во ноември 2020 година, кога македонската фудбалската репрезентација ја совлада домашната селекција со 1-0 и обезбеди дебитантски настап на ЕУРО2020 е назначен за главен судија на финалето во мундијалскиот бараж, во вторник во Порто.
На овој меч „црвено – жолтите“ ќе се борат за историски пласман на Светското првенство во Катар.
Тејлор, кој важи за еден од најдобрите светски судии во моментов, од 2013 година суди со знакот на ФИФА, беше главен арбитер во финалето на Лигата на нации во октомври лани меѓу Шпанија и Франција, а го судеше и Суперкупот на УЕФА во 2020 година меѓу Баерн Минхен и Севиља.
Македонската фудбалска репрезентација гостува во Португалија во вторник од 20:45 часот, на стадионот „Драгао“ во Порто, чиј капацитет од 50.000 седишта е распродаден.