Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, се согласи на договор со американските власти за да може да биде ослободен и да се врати во својата родна Австралија.
„Би-би-си“ јавува дека тоа е напишано во судските документи на правосудството на Велика Британија, каде Асанж поминал 1.901 ден во лондонскиот затвор „Белмарш“, познат по високото ниво на безбедност.
Утринава Асанж беше снимен на британскиот аеродром „Станстед“ како се качува во авионот што ќе го однесе на Северните Маријански Острови, американска територија во Тихиот Океан, каде утре наутро по локално време треба да се изјасни за виновен.
Според договорот со американските власти, Асанж потоа ќе добие признание за времето што го помина зад решетки во Лондон и не се очекува да одлежи дополнителна затворска казна.
Оддалечените пацифички острови се многу поблиску до Австралија отколку американските федерални судови на Хаваи или на копното на САД.
Неговиот правен тим потврди дека Асанж ќе се врати во родната земја што е можно поскоро.
Викиликс претходно соопшти дека 52-годишниот основач го напуштил затворот во Обединетото Кралство и полетал од земјата, откако американските обвинители рекоа дека тој треба да се изјасни за виновен оваа недела за прекршување на Законот за шпионажа на САД.
Во 2010 година, Викиликс објави стотици илјади доверливи американски воени документи за војните на Вашингтон во Авганистан и Ирак, најголемиот безбедносен инцидент од ваков вид во историјата на американската војска, заедно со серија дипломатски телеграми.
Асанж беше обвинет за време на администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп за масовно објавување на доверливи американски документи, кои беа обелоденети од Челзи Менинг, поранешна американска воена разузнавачка аналитичарка, која исто така беше обвинета според Законот за шпионажа.
Повеќе од 700.000 документи вклучуваа дипломатски телеграми и извештаи од бојното поле, како видео од 2007 година од американски хеликоптер Апачи кој пука врз осомничените бунтовници во Ирак, при што загинаа десетина луѓе, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс.
По објавувањето на снимките во 2010 година, властите во Велика Британија наредиле Асанж да биде приведен подоцна истата година, за да биде ослободен со кауција откако Шведска распиша меѓународна потерница по него под обвинение за сексуален напад.
Шведските власти сакаа да го испрашаат за наводите дека силувал и сексуално нападнал една жена и навел друга на секс во август 2010 година додека бил во Стокхолм за да одржи предавање.
Тој тврди дека двете средби биле меѓусебно доброволни, но следел долг судски процес поради кој побарал азил во амбасадата на Еквадор во Лондон за да избегне екстрадиција.
По речиси седум години живот во еквадорската амбасада, Асанж ја напуштил, а британската полиција го уапсила на 11 април 2019 година, а потоа бил одведен во „Белмарш“.
Апсењето дојде откако еквадорскиот претседател Ленин Морено објави на Твитер дека неговата земја донела „суверена одлука“ да му го одземе статусот на азил.