Озлогласената група „Вагнер“ вмешана во заговор за атентат на Зеленски и Шмихал!

Маркијан Лубкиевски – советникот на украинскиот министер за одбрана вели дека озлогласената руска воена група „Вагнер“ била вмешана во наводен заговор за атентат врз украинскиот претседател Володимир Зеленски и премиерот Денис Шмихал.

„Тие сакаа да го убијат украинското раководство: нашиот претседател и премиер. Тоа беше целта и неколку од нив беа испратени во Украина без никаков успех“ – рече Лубкивски, додавајќи дека заговорот го потврдиле украинската разузнавачка служба и специјалните сили задолжени за заштита на Зеленски.

„Сите овие документи и потребни докази ќе бидат презентирани пред Трибуналот“ – кажа тој.

Групата „Вагнер“ првпат се појави во јавноста за време на руската инвазија на источна Украина во 2014 година. Наводно, воената група дејствувала во Сирија и во неколку земји во Африка.

Американските власти и претставниците на човековите права ги обвинија за континуирано кршење на човековите права.

Се верува дека групата е поврзана со Евгениј Пригожин, олигарх близок до Кремљ, што е попознат како „готвачот“ на Путин.