Пристигнаа патниците од првиот комерцијален лет Скопје – Софија
На Меѓународниот аеродром Скопје, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ги пречека патниците кои пристигнаа со првиот комерцијален лет на релација Софија – Скопје.
Со ова започна реализацијата на редовната авиолинија Софија – Скопје.
Авиокомпанијата „Гуливер“ ќе ги поврзува главните градови двапати во неделата.
Министерот Бочварски изрази задоволство од воспоставувањето на овој лет и најави можност за отворање линии и кон други нови дестинации.
„Ме радува што во многу брзо време најдовме согласност и заеднички со Република Бугарија ја воспоставивме оваа линија. Работите се движат во посакуваниот правец и веќе ги гледаме резултатите од работењето на мешовитите групи со колегите од Бугарија. Летот Софија – Скопје од денеска почнува да сообраќа и првите патници веќе пристигнаа во Скопје. Им посакувам добредојде во нашата држава и испраќам порака дека нашата земја има што да понуди во делот на туризмот. Остануваме посветени со нашите пријатели и во наредниот период во изнаѓање на решенија со кои ќе ги зацврстиме пријателските односи и кои ќе донесат економски бенефит за двете држави“ – изјави Бочварски.